СТОГОВО

Стогово се наоѓа во западниот дел на Република Македонија. Највисоки врвови се Голем Рид на 2278 метри надморска височина и Бабин Срт на 2242 метри надморска височина. Овде природата е скоро недопрена поради тоа што во близина нема население, а и не се посетува често од планинарите.
Планината Стогово се наоѓа меѓу долината на Црн Дрим на запад и Сатеска од исток. На север и исток Стогово се надоврзува со планината Бистра, а на југ преку врвот Бабин Срт (2242 метри надморска височина) се надоврзува на планината Караорман. На север е ограничена со Мала Река, Гарска Река, Јамска Река и превојот Јама, а на југ преку Караорман допира до Охридско-струшката котлина.[1] На запад и југозапад падините на Стогово ги оградуваат Дебарското поле и долината на реката Црн Дрим односно областите Дримкол и Малесија, додека пак на исток и југоисток ги оградува Кичевската котлина и северниот дел на областа Дебарца.
Планината е млада верижна со остри сртови и припаѓа на Шарскиот планински систем. Сртот е јасно изразен по целата должина, на места е заоблен, а наместа остар и слабо расчленет. Планинската страна свртена кон север од почетокот благо се спушта, а потоа стрмно паѓа кон долината на Мала Река и нејзините притоки Гарска и Јамска Река.Највисоки врвови се Голем Рид – 2273 метри надморска височина,
17
Бабин Срт – 2241 м.н.в., Стогово – 2218 метри, Канеш – 2216 м.н.в. и а има уште 7 други врвови повисоки од 2000 метри.Ѓорче Петров го дава следниот опис на правецот на протегање на Стгово: недалеку од Дебар преку Радика, започнува планината Стогово, која врви кон југо-исток под тап агол со Кораб и се покажува во Кичевско 3 часа на југо-запад од градот Кичево, со врвот Стогово. Тука таа завртува на југ и под името Караорман завршува во Охридско.
Стогово е млада верижна планина која настанала за време на алпската орогенеза. Во геолошкиот состав се сретнуваат филитоиди, зелени шкрилци, карбонати, глинци, рожнаци и сл. За време на плеистоценот планината Стогово била зафатена со глацијација и денеска на неа се јавува глацијален (леднички) релјеф како циркови, валови и морени.Во цирковите се јавуваат три леднички езера: Горно и Долно Езеро и езерото Маруша.
Застапеноста на флората е „по катови“ односно во подножјето се застапени листопадните букови и дабови шуми, кон врвот тие се заменети со боровите зимзелени шуми, а самите каменести врвови се опкружени со високотревнати пасишта познати под името „алпски пасишта“. Бројни пасишта и бачила има на зарамнетото било на планината наречено Голема и Мала Мегданица која е опркужена со врвовите Голем Рид на запад, Бабин Срт на југ и Стогово на исток. Во 2012 година, на источните падини на Стогово во Кичевско во два наврати биле пронајдени единки на рис, во рамки на истражувањето на рисовите во Македонија.

Posted in ПАТЕКИ.