БЕЛАСИЦА – Тромеѓа 1881 мнв

Беласица — планина во југоисточниот дел на географскиот регион Македонија и е поделена меѓу државите Македонија (35%), Грција (45%) и Бугарија (20%). Во Македонија, оваа планина почива во близина на Струмица. Има напореднички правец на протегање исток – запад и должина од над 70 км². Спаѓа во групата најстари планини не само во Република Македонија, туку и на Балканскиот Полуостров.
Настанала за време на создавањето на Родопските Планини. Подоцна е разорена а повторно е издигната за време на најмладото алпско набирање. Според морфолошката структура, планината е изразит хорст со мошне стрмни падини кои се спуштаат на северната и јужната страна.
Од соседните планини Беласица е одделена со долините на реката Вардар на запад, Струма на исток, Струмичката Котлина на север и Дојранската и Серската Котлина на југ. Според висичината, таа спаѓа во групата високи планини. Наjвисок врв е Радомир (Калабак) – 2.029 метри, наречен по царот Гаврил Радомир, син на царот Самуил. На врвот Тумба се наоѓа тромеѓата меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Тука е поставен граничен камен во вид на пирамида, што ја означува тромеѓата помеѓу овие три држави. Беласица е богата со шуми и на неа се среќаваат дабот, буката, борот, елата, јасенот и др.БЕЛАСИЦА
Но, таа е уште побогата со планински пасишта на кои во летниот период доаѓааат бројни стада на пасење. Само највисоките врвови на Беласица се голи и каменити. Во подножјето на Беласица извираат многубројни термални и минерални извори. Меѓу нив најпознат е изворот во с. Банско. Водата од овој извор е лековита, минерална и сулфурна со температура од 75 °С. Според температурата на водата овој извор е најтоплиот во Македонија. Исто така, Беласица е богата со рудни богатства, но сѐ уште ништо не се експлоатира. На падините на Беласица се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија – Смоларскиот водопад.
Од 2001 година секоја година, во август, се организира меѓународен планинарски поход за искачување на врвот Тумба (Тромеѓа) под наслов „Балкан без граници“. Походот започнува од селото Смоларе, преку планинарскиот дом „Шарена чешма“, сè до тромеѓето.

До планината Беласица се пристигнува од Струмица до с. Смоларе. Маркацијата за планинарската патека започнува од с. Смоларе.

  • Од с. Смоларе до планинарскиот дом “Шарена Чешма“ потребни се 2,5 часа. Од пл. дом до границата патеката се движи час по широкиот пат, час по шумата, после еден час пешачење се пристигнува до границата. Оттука патеката свртува лево и се движи по граница (патролна патека) се до врвот Тромеѓа (Тумба), а до врвот ви се потребни уште еден час или вкупно 2 часа од план. дом.
    Домот работи по потреба со претходно најавување во план. друштво Ентузијаст – Струмица.
  • Должината на патеката е околу 13 км. во правец.
  • Старт: с. Смолари – 1100 мнв.
  • Крајна точка: врв Тумба срт 1881 мнв.
  • Категорија на патека: средно тешка
Posted in ПАТЕКИ.