ПЕД Закамен Струга – ЦРН КАМЕН – Јабланица

На ден 25.06.2017 година, одржан планинарскиот марш „Црн Камен“ со што беше обележан Националниот ден на планинарските патеки. (Настанот беше предвиден за 11.06.2017 година, но од технички причини беше одложен).

Патеката се маркираше и расчистуваше од страна на членови на ПЕД Закамен Струга и волонтери од Струга.

На настанот, еднодневното искачување на врвот Црн Камен (2258 мнв) на планината Јабланица, присуствуваа 118 планинари со гости и од други градови и планинарски друштва, како и љубители на природата и рекреативци.

Пред почеток на турата беше презентирана патеката од страна на членови на планинарското друштво.

Првиот дел од турата минува низ шумскиот појас богат со ендемичен биодиверзитет, а вториот дел е во зоната на пасишта од каде што се простираат прекрасни панорами. Турата започна во 08.00 часот, од селото Горна Белица (~1300 мнв), преку каптажите за вода, па низ напуштено бачило и следува т.н. „Чума“ – прекрасен карпест ѕид. По текот на Беличка река, се продолжува кон врвот кој е целосно на територија на Република Македонија и на него има бетонска тристрана пирамида. Од врвот слеговме кај глацијалните езера, т.е. Вевчанска локва (1965 мнв). Од таму повторно влегуваме во шумата и се вративме во с.Горна Белица.

Целата патека беше маркирана и презентирана според правилникот на ФПСМ од страна на лиценциран маркацист.

Времетраењето на настанот изнесуваше околу 8 часа. Акцијата беше успешна и се надеваме дека ќе ја повториме следната година.

Posted in АКТИВНОСТИ, НДП.