КОРАБ – ГОЛЕМ КОРАБ 2764 мнв

Голем Кораб 2764 мнв

Голем Кораб (2753 m) е највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Поради големата височина, во близина и во подножјето се јавуваат траги од плеистоцена глацијација: циркови, валови, морени и др. Под врвот извира Длабока Река (десна притока на Радика), на која се наоѓа водопадот Пројфел висок 133 m.

До планината Кораб се пристигнува по западната магистрала Гостивар – Дебар. Некаде околу 8 км од Маврови Анови спрема Дебар во близината на мотелот Трница или поточно кај состав Река (каде Маврвовска река се влева во Радика). Се врти десно спрема селото Ничпур и месноста Стрезимир.
Од оваа раскрсница односно состав Река се оди по макадамски пат (редовно се одржува) околу 15 км се стигнува до полициската станица Стрезимир, од полициската станица се продолжува по истиот макадамски пат кој води покрај реката Радика уште 4 км. Потоа се свртува лево спрема караулата Победа која е оддалечена од кривината 1,5 км.

Во караулата Победа се наоѓа погранична полиција и препорачливо е пред искачувањето да се пријавите и да оставите ваш контакт и кратки информации за планираната тура и фактички оттука почнува освојувањето на врвот Голем Кораб за кој ви се потребни 4-5 часа. Патеката е маркирана. На оваа планина нема планинарски дом. Доколку одлучите да поминете повеќе од еден ден тогаш е потребно со себе да понесете шатор и вреќа за спиење.

ЗА КОРАБ

Кораб е планина во Македонија, на границата со Албанија. На неа се наоѓа највисоката точка (врв) во земјата – Голем Кораб кој е висок 2764 метри надморска височина. Кораб е планинска верига која се протега на правец југ-север. Поради уникатните природни карактеристики делот на планината кој влегува во границите на Македонија, во 1952 година е признаен како дел од националниот парк „Маврово”.
Планината Кораб се протега околу 40 километри од север кон југ. Почнува каде што завршува Шар Планина и продолжува кон реката Црн Дрим
Овие врвови се случајно раздвоени преку тектонски движења кои прават форми на блокови што завршуваат со долината на реката Радика. Овие блокови под дејство на ледничката ерозија имаат направено дупки кои достигнуваат и до 500 м длабочина. Најмаркантен пример за таков вид на ерозија претставува горниот тек на Длабока Река каде е формиран и истоимениот познат кањон со речиси вертикални страни и остри ивици меѓу кои се наоѓаат голем број водопади, посебно од страната на Кобилино Поле.
Поглед на Кораб од албанска страна
На Кораб има и неколку висорамнини меѓу кои се истакнуваат Кобилино Поле на македонската и Радомирско Поле на албанската страна.
Иако релативно тешко прооден, на масивот на Кораб постојат неколку превои (во близина на истоимените врвови) кои се користат од страна на локалното население и планинарите. Најпознати се:
Мала Корапска Врата (2478 м) – помеѓу врвовите Голем Кораб и Мала Корапска Врата;
Цигански Премин (2290 м) – помеѓу врвовите Цигански Врв и Дерза;
Голема Корапска Врата (2062 м) – помеѓу врвовите Зиберова Кула и Бел Врв;
Шкртец (2020 м) – помеѓу врвовите Шуплив Камен и Плоча;
Необично забележливи се алпските предели на Кабаш, Рибничка Скала, Мал Кораб, Радомирски Врв и неколку други тешко проодни врвови. Во највисокиот дел, над 2.000 м, климата е алпска и вклучува елементи од алпската флора. Според мислењето на голем број научници, Кораб е најубавиот планински релјеф во Македонија и пошироко.
Реки
Општа карактеристика за масивот на Кораб е богатството на површински водотеци – реки и потоци кои по напуштањето на планинското подрачје се влеваат во Радика и Црн Дрим. Тие имаат брзи текови, наизменично низ кањони и долини, често формирајќи брзаци и водопади. Најголеми и најпознати реки се:

Рибничка Река (притока на Радика)
Радомирска Река (притока на Црн Дрим)
Штировица (притока на Радика)
Длабока Река (притока на Рибничка Река)
Шерупска Река (притока на Радика)
Циганска Река (притока на Рибничка Река)
Таировска Река (притока на Жировничка Река)
Габровскa Река (притока на Длабока Река)
Рибничка Река носи најголемо количество вода од падините на Кораб и по пренасочувањето на горниот тек на Радика за потребите на мавровскиот хидросистем, нејзините води најмногу придонесуваат за одржување на реката Радика во нејзиниот среден и долен тек. Извира на околу 2.300 м надморска височина помеѓу Дерза и Цигански Премин.

Највисок изворишен дел, кој достига и до 2.500 м надморска височина има Длабока Река. Воедно нејзиниот тек заедно со Габровска Река и другите помали притоки е и најатрактивен бидејќи формира три кањони и многубројни брзаци и водопади.

Водопади

Корапскиот водопад на Длабока Река
Корапскиот водопад на Длабока Река или водопадот на Длабока Река е највисок водопад во Македонија, а воедно и на Балканот со висина од над 130 метри (136 метри, ако се смета и висината на слапот во подножјето). Се јавува на вертикална карпа која е продолжение на стрмната источна страна на врвот Мал Кораб. Формиран е како последица на истекувањето на огромниот ледник кој го продлабочил горното корито на Длабока Река, пресекувајќи ја карпата на неговиот пат.

Водопадот јасно може да се види од далечина само во пролетните месеци и во почетокот на летото додека се топи снегот, кога количеството на вода е поголемо. Зимно време е комплетно замрзнат, а во доцните летни месеци и почетокот на есента останува да се полни со водата од неколкуте мали извори кои се наоѓаат веднаш под врвот Мал Кораб и во близина на Мало Корапско Езеро – количина на вода која поради големата вертикала можа да се забележи само од непосредна близина, но не и од далеку при што изгледа како да е пресушен. Поради непристапниот терен и краткиот временски интервал во кој што може да се посети, многу малку луѓе имаат можност да го видат во својот полн сјај. Најдобар период за посета е месецот јуни кога снегот нема да претставува голема пречка за да се стигне до водопадот, а и поради топењето на преостанатиот снег количеството на вода е релативно големо.

Во горниот тек на Длабока Река се сретнуваат и повеќе пониски водопади од нејзината лева страна, кои се формираат од нејзините притоки што извираат од Кобилино Поле. Но иако помалку забележителни од големиот водопад, тие имаат поголема количина на вода и се посебно атрактивни кога ќе се погледнат од реонот на врвовите Кабаш и Рибничка Скала, при што се добива впечаток како цело Кобилино Поле да се „цеди“ во Длабока Река.

Скриен во горниот кањон на Длабока Река, на најтесниот дел помеѓу сртовите на Рибничка Скала (од десната страна) и Шило и Пирк (од левата страна) се наоѓа уште еден импресивен водопад до кој е особено тешко да се стигне поради непристапниот терен во самиот кањон, неретко попречен од паднати лавини. Меѓутоа овој водопад ги надминува сите во сливот на Длабока Река според количеството на вода и како резултат на тоа при падот формира „воден лонец“ со голема длабочина.

Водопади се сретнуваат и на останатите реки и потоци на падините на Кораб, посебно во горните текови на Рибничка Река и Циганска Река, како и во подножјето на врвот Црн Камен (Врбјани), каде се забележуваат двата повремени водопади на Обесенавода, во непосредна близина на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар.

 „Корапски езера“.
На македонска територија Кораб има 8 постојани и десетина повремени леднички езера, додека нешто помал број има на албанската страна. Попознати од нив се:

Големо Корапско Езеро (2500 м)
Чукино Езеро (2.370 м)
Мало Корапско Езеро (2.350 м)
Циганско Езеро (2.330 м)
Кобилино Езеро (2.320 м)
Горно Радомирско Езеро (2.160 м)
Шилско Езеро (2.070 м)
Мало Грамско Езеро (1.950 м)
Големо Грамско Езеро (1.880 м)
Бачилско Езеро (1.870 м)
Бабино Езеро (1.820 м)
Долно Радомирско Езеро (1.775 м)
Црно Езеро (1.490 м)
Најпознато е секако Големо Корапско Езеро, кое се наоѓа на 2.500 м надморска височина веднаш под самиот врв Голем Кораб, поради фактот што претставува највисоко ледничко езеро, како и највисока водена површина во Македонија воопшто.

По површина убедливо најголемо е Грамското Езеро на албанската страна. На таа страна езерата се многу поголеми отколку на македонската, но тие езера лежат и на помала надморска височина во однос на оние на македноската страна.

Најголема концентрација на овие остатоци од некогашното ледено доба има на триаголникот помеѓу Шуплив Камен, Бабин Камен и Високо Брдо, како и на Кобилино Поле, од кои истекуваат притоките на Рибничка Река и Длабока Река.

Posted in ПАТЕКИ.