Галичица — висока планина во Македонија.[1] Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели на планината Галичица, еден поголем дел од неа, на површина од 22.750 хектари, во 1958 година е прогласен за национален парк. Националниот парк Галичица којшто се наоѓа во крајниот југозападен дел од Македонија, се карактеристика по положбата што ја зазема меѓу двете најголеми езера во земјата — Охридското и Преспанското. Забележителна е по празгранетата орографија и интересните геоморфолошки облици како длабоки долови, разни карстни образби и групата Галичички езера од ледничко потекло.[2] Географската положба на паркот е 40°59’ СГШ 20°52’ ИГД.[3]
Најниска точка е нивото на Охридското Езеро 695 м.н.в. и нивото на Преспанското Езеро 850 м.н.в., а највисока врвот Магаро 2255 м.н.в. Планината Галичица има развиен релјеф со длабоки долови и стрмни падини кон двете езера. Поради релјефните карактеристики, единствениот масив на Галичица поделен е на четири засебни делови.
Делот јужно од Зли Дол се именува како Стара Галичица. Тоа е највисокиот и најмаркантниот релјефен дел на националниот парк. Неговите страни стрмно се отсечени кон езерата и избраздени се со суводолици што на планината и дава изглед на непристапност. Во неговиот централен дел оформено е широка висорамнина со надморска висина поголема од 2000 м. На него се застапени скоро сите површински карстни облици. Јужно од овде, масивот продолжува во Сува Гора во Мала Преспа на територијата на Албанија.
На север од него се наоѓа делот Галичица. Највисокиот врв Вакоски Гној има централна положба и висина од 1999 м. Во овој дел ширината на планината е најмала (9,75 км). Падините кон Охридското Езеро се стрмни и слични со оние од претходниот дел, додека источните падини поблаго се спуштаат кон Преспанското Езеро. Платото во централниот дел е на висина од околу 1400 м. и на него се оформени четири карстни полиња.
Остатокот од масивот меридијански е поделен на два дела и тоа Петрино кој гравитира кон Охридската и на исток кон Преспанската Котлина.