01 СЛОВЕНСКА ПАТЕКА

Download file: 01 СЛОВЕНСКА ПАТЕКА.gpx
  1. Опис на патеката:

Име на патеката: Словенска (или поранешен назив Патека од кај полицијата). Патеката е именувана како Словенска во 2015 год. во знак за благодарност за поддршката и обуката на првата генерација маркацисти во Македонија од страна на планинарскиот сојуз на Словенија, под чие водство е направена комплетната реконструкција на патеката.

Почетокот на патеката е на паркингот пред полициската станица Водно. До појдовната точка може да се пристапи пеш, со автомобил или градски автобуски превоз бр.3 и 25. Патеката е лоцирана на северната страна на планината Водно. Патеката започнува по асфалтен пат во должина од 300м. од мостот пред Полициската станица Водно, потоа продолжува макадамски пат од 100м. и од него се одвојува планинска патека. Патеката води по земјен и каменест терен. На делови е гола т.е со ниско стеблести растенија, а на делови со високостеблеста шума. Патеката е технички подготвена со елементи на потпорни бедеми и скалила за спречување на ерозија на патеката. Крајот на патекате е на паркиралиштето на Средно Водно каде се стационирани планинарскиот дом Јосип Станчиќ на ФПСМ (во моментот е издаден под закуп и е во функција како ресторан), хотелот Водно, ресторанот 6 Чешми и Жичницата која оди до врвот на Водно. Патеката е со должина од 1,9 км.

  1. Географско простирање на патеката

Општина: Карпош
Старт : Паркинг полициска станица Водно
Крај: Средно Водно
Највисока точка: Средно Водно 580 мнв
Најниска точка: Паркинг полициска станица Водно 320 мнв
Вкупна должина на патеката: 1,9 км
Просечен наклон:  14.7%
Време потребно за минување на патеката: околу 40 мин

  1. Категоризација на патеката согласно намената и тежината
  • Според намената: планинарска патека
  • Според тежината : лесна
  1. Опис на природните живеалишта, растителните и животинските видови и самоникнати габи на земјиштето преку кое минува планинската патека

Патеката на почетокот минува низ пошумен предел богат со бреза, даб, габер, костен и липа, а наместа се сретнува и смрека.

Од животинскиот свет во пределот низ кој минува патеката има дива свиња, лисица, зајак, верверица и птици.

Габите во овој предел се доста застапени –  Водно е планина на која се сретнуваат 143 видови на габи.

  1. Други податоци што се значајни за планинската патека

Патеката нуди можност и за пристап на трим рекреативна патека која води до локалитетот Маркови Кули. Од завршната точка на Словенска патека кон врвот на планината Водно почнуваат четири планинско – рекреативни патеки и тоа: Димитар-Цветкова, Олимписка, Новогодишна и Пензионерска.

ФИНАНСИРАНИ ОД ЧЕШКАТА РЕПУБЛИКА 
ПОДДРШКА ОД ГРАД СКОПЈЕ

 

НАЗАД 

 

Posted in ПАТЕКИ.