Планинскиот масив Јакупица (Солунска Глава, 2.540 m), кој го зафаќа централниот дел на Р. Македонија, според површината над 1.000 m надморска височина (1.262 km2) ги надминува сите останати високи планини. Тоа е маркантен масив на кого припаѓаат повеќе планини, меѓусебно морфолошки, а повеќето и структурно поврзани во една целина. Масивот е познат по народниот топоним „Мокра“, но во литературата како и на географските карти речиси исклучиво се употребува Јакупица.
Всушност, прецизно дефинирано на Јакупица припаѓаат централните делови на масивот, околу врвот Солунска Глава (2.540 m), Нежиловски Карпи и југоисточниот гребен со Кале (2.112 m). Од овој, централен простор (Јакупица), речиси низ сите страни „ѕвездесто“ се издвојуваат засебни планински целини. На северозапад е Караџица (2.472 m), кон североисток Шашковица (2.186 m) и во нејзино продолжение Пепељак (Убава, 2.352 m).
Помеѓу нив, на север кон Брезница се протега Сува Планина (Мирска Вода, 2.179 m). На исток се наоѓа Голешница (Лисец, 1.935 m), а на југозапад Даутица (2.178 m). Јакупичкиот блок се наоѓа во крајниот северен дел на Пелагонискиот-хорст антиклинориум и е негов најиздигнат дел. Кон запад кон Поречкиот Басен се граничи со изразени раседи долж кои во неотектонската етапа се вршени релативни сместувања со амплитуда и над 1.000 m. Маркантна руптура со механизам на вертикално сместување се јавува на потегот Самоков-Караџица. Долж овој расед, долг 18 km, југоисточното крило е поиздигнато од северозападното. Значајни вертикални движења се вршени и долж Бабунскиот расед (долг 14 km), со спуштање на западното крило на Бабунската антиклинала. Лушпесто навлекување е регистрирано долж Патишката дислокација. Овде гранитските микашисти се навлечени над калцитските мермери додека на Китка (1.569 m) дволискунските гнајсеви се навлечени преку рефеј-камбриските зелени шкрилци. Според разновидноста на релјефните карактеристики планинскиот масив Јакупица е еден од најкомплицираните простори (високи планини) во Република Македонија.
На Јакупица речиси сите генетски релјефни појави, освен вулканскиот (палеовулкански) се силно изразени. Доминира структурниот, глацијалниот, карстниот (површински и подземен), флувиоденудацискиот, како и рецентниот периглацијален релјеф.
По своите морфоструктурни карактеристики, како што е напоменато, планинскиот масив Јакупица е поделен на повеќе целини. На одделни простори, како изворишните делови на Кадина Река, северните делови на Сува Планина, па и во самиот централен дел на масивот се застапени полигенетски површи (сл. 4). Тоа се реликти на некогашниот пинеплен издигнати до денешните височини, но и моделирани-дисецирани со подоцнежните егзогени процеси (карстни, глацијални, денудациски).
Врвот Солунска Глава може да се освои од две страни. Скопска – планинарски дом Караџица и Велешка – пл.дом Чеплес.
Од скопска страна се оди од Скопје до месноста Преслап по асфалтиран пат. Маркацијата започнува од месноста Преслап. Патеката од Преслап продолжува преку селото Круша и Алдинци до пл. дом Караџица. За овој дел од патеката се потребни 5,5 часа во било кој правец. Патеката од планинарскиот дом Караџица продолжува по широкиот пат до месноста Здуње (9 км), потоа по Букова Шума и Кривулести Борови до пл. дом Горно Бегово (Исак Русо), а од тука по столбови како зимска маркација до врвот. За овој дел од патеката ви се потребни 4 часа. Патекате е маркирана, а пл. дом Караџица е постојано отворен.
Велешко – за пл. дом Чеплес има два правци. Едниот преку село Папрадиште, другиот преку село Нежилово. До овие села се стига по асфалтиран пат, а понатаму се продолжува низ живописна шума и бујна вегетација. Двете патеки се спојуваат пред планинарскиот дом Чеплес. Патеката од пл. дом Чеплес за врвот Солунска Глава продолжува по Букова Шума до Долна Бабина Дупка, каде има извор. Од изворот патеката до аргачот води по густа зимзелена шума, а од тука по ливади и тревнати површини до самиот врв. За овој дел од патеката ви се потребни 3 часа. Патеката е маркирана. Планинарскиот дом Чеплес е отворен постојано.
Категорија на патека: тешка
Крајна точка: врв Солунска Глава 2540 мнв