ОЗНАЧУВАЊЕ НА ПЛАНИНАРСКИ ПАТЕКИ НА СКОПСКА ЦРНА ГОРА

Со оглед на растечкиот тренд на активности на отворено, и се поголема фреквенција на посететители на Скопска Црна Гора, се наметнува потреба од систематизација на патеките на оваа планина. Во насока на нивно систематизирање и поврзување се наметнува потреба од создавање на електронски GPS записи и елаборати за истите. Се издвојуваат повеќе патеки со оглед на тоа дека се често посетени, но и врз основа на сознанија дека на истите често се случува губење на посетителите поради слаба, до непостоечка сигнализација и вкрстување со голем број на локални селски патеки кои ги користат селаните и сточарите од тоа подрачје.

За таа цел Комисијата за планинарски патеки со помош на Амбасадата на Република Словенија и словенечките фирми во Македонија спроведе проект за расчистување и бележење со планинарска сигнализација на дел од патеките на Скопска Црна Гора.

Скопска Црна Гора, според туристичко-географската положба и орографските карактеристики, прошарана со многу живописни долини и водотеци, буен растителен и животински свет, благопријатна клима, богата со селски населби што како венец се наредени едно до друго со автентична традиционална архитектура, убаво обработени лозја, овоштарници, ливади и бавчи, многубројни бачила и воденици, покрај кои се изградени нови и модерни станбени објекти, претставува простор што заслужува внимание. Според бројот на црквите и манастирите од кои некои имаат огромно значење и вредност, многумина оваа планина ја нарекуваат Света Гора, а различните етникуми, ја отсликуваат целата мултиетничка и мултикултурна Македонија.

Планината, сообраќајно е добро поврзана, а релативно добриот асфалтен пат се искачува до највисоките делови, нудејќи прекрасни панорамски глетки кон Скопско. Од центарот на Скопје, преку Кучевиште, Побожје, Бродец, има околу 30-тина километри и висинска разлика од 1000-1300 метри и еден час релаксирано возење.

Од селото Љубанци, Раштак, Булаќани па се до крајниот дел кон Арачиново, Скопска црна гора е поврзана со испреплетени шумски патишта, а до секое од селата води асфалтиран пат и редовен градски сообраќај.

Оваквото поврзување на Скопска Црна Гора дава убава можност да се испланираат различни прошетки низ чистите и незагадени планински делови, а свежиот и пријатен воздух, сончевото време далеку од маглите во подножјето.

Posted in ПАТЕКИ, ПОЧЕТНА.