Осоговските Планини или Осогово — висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија. Расположен е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-злетовскиот басен на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.
Како природна целина која се протега во две држави, Осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои на Република Македонија припаѓаат 1.102 км2 или 71,8%, додека 443 км2 или 28,2% на Република Бугарија. По својата површина е втор планински масив во Република Македонија, по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште 5 врва се повисоки од 2000 м меѓу кои е и Царев врв .
Осоговскиот планиски масив тектонски припаѓа на српско-македонскиот масив, кој претставува старо копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната, раседната и раздробена при што е формирана како хорст. Геолошкиот состав е претставен со прекамбриски метаморфити и палеозојски шкрилци. За време на терцијарот се одвивала интензивна вулканска активност, што ОСОГОВО овозможило создавање на големи резерви на оловно-цинкова руда.
Релјефот на Осоговскиот планински масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, кои меѓу себе се расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Најпознати била се Руенското било, претставува вододелница помеѓу сливот на Вардар и Струма; Соколско било; Калинкаменско било; Костадинечко-лисечко било кое е вододелница помеѓу Пчиња и Брегалница; Лопенско било; Д›лгиделско било и др. Покрај билата значаен релјефен елемент се речните долини кои се одликуваат со клисури. Најпознати се долините на Тораничка Река (извориште на Крива Река), Каменичка Река, Оризарска Река, Злетовска Река и др.
Флората се разликува според вертикалната разместеност:
Потпланинска зона до 1.000 m каде виреат дрва од типот на даб, брест, габер, јасен, леска и слично; Планинска зона од 1.000-1.800m, каде што преовладува буката; Субалпска зона која е прекриена со трева и грмушки од смрека.
Постојат многу легенди за тоа како Осогово го добило името, но најпозната е онаа според која тоа потекнува од старите саксонски рудари кои во минатото на ова подрачје ископувале злато и сребро. Приказната вели дека името настанало со спојување на зборовите од старогерманскиот јазик „osso” (господ) и „gov” (место), што значи „Божјо место“.
До врвот Царев Врв може да се пристапи од две страни: Кривопаланечкиот манастир св. Јоаким Осоговски и од Кочани преку Пониква.
Од Крива Паланка до ман. Св. Јоаким Осоговски има околу 3 км. Во ман. конаци може да се ноќева бидејќи на оваа планина не постои план. дом. Маркацијата започнува од манастирот. Од манастирот патеката кон Царев Врв води преку селото Варовиште, Ловечка Куќа, Калин Камен, Царев Врв. Од Ловечката Куќа до врвот се оди по ливади. Планинарската патека е долга околу 25 км во еден правец за кои ви се потребни 5 часа. Покрај патеката има повеќе извори и чешми. Патеката е средно тешка.
Кочанска страна – маркацијата за планинарската патека започнува од крајот на Кочани, крајот на улицата “14та Бригада“ продолжува под депонијата, над с. Црвена Нива минува преку пошумен дел со бреча и бор се до асфалтот, минува покрај чешмата Змбава. Потоа продолжува покрај Д’га Ридина се до асфалтот. Сечејќи го асфалтниот пат продолжува преку Лешки Рид. Некаде 500 метри пред шумска куќа излегува на асфалтен пат. Продолжува по него, после 200 метри од шумската куќа. Се напушта асфалтниот пат (десно) продолжува по стариот (колски пат) за Пониква. Од градот до Пониква потребни се 5 часа. До Пониква може да се стигне и по асфалтен патод прилика 20 км.
Од Пониква патеката за Царев Врв продолжува се по широк колски пат, со една кратенка кај бачилото на ЗЗ Галеб, некаде половина час пред врвот се напушта широкиот пат ( десно) и се оди се по ливади, патеката е добро маркирана. Во вториот дел од патеката треба да се внимава на раскрсниците бидејќи ги има доста. За овој дел од патеката ви се потребни 5 часа.