Плачковица се издига помеѓу струмичко-радовишката котлина на југ и кочанската котлина на север. Таа е поделена на два дела, источни и западни. Западниот дел е понизок, а највисок врв на него е Туртел на 1689 метри надморска височина. На источниот дел се наоѓа највисокиот врв на оваа планина, Лисец на 1754 метри надморска височина. Лисец е популарен помеѓу локалните планинари. Не е необично на Лисец да има снег и во јуни. Под врвот се наоѓаат планинарските домови Вртешка и Џумаја
До планината Плачковица се доаѓа од градовите Радовиш, Штип и Виница. Маркацијата за планинарската трансверзала “Планини на Македонија“ ПМ започнува од градот Радовиш, од мостот на Стара Река и поминува низ населбата Технелк, од каде се оди по асфалтен пат, преку мали кратенки, се поминува во непосредна близина на селото Штурово. За половина час се доаѓа до говедарската фарма “Чешме мале“. Преку кратенките што продолжуваат се излегува на асфалтен пат на областа Друм, каде поголем дел се оди по асфалтен пат. Во непосредна близина на с.Козбунар повторно започнуваат кратенките меѓу некои вили, 15 минути пред шумската куќа повторно се излегува на асфалтен пат. Од шумската куќа до пл. дом Џумаја се пристигнува по добар земјен пат во должина од 2 км. За овој дел од патеката се потребни 5 часа. Оние кои имаат сопствено моторно возило можат да дојдат до домот кој е оддалечен од градот 22 км асфалтен пат.
Од планинарскиот дом патеката продолжува кон рекичката “Еден Дере“ која се поминува неколку пати, за да по еден час пешачење патеката дојде до самото подножје на врвот Лисец, се поминува реката Ломија. Оттука патеката се качува нагоре по гребенот Влашка Ридина, седлото Влашки Гроб, Голема Ливада до врвот Лисец. Од планинарскиот дом до врвот Лисец потребни се 2 часа. Патеката е маркирана , печатот се наоѓа во планинарскиот дом. Домот работи по потреба со претходно најавување во план. друштво Бел Камен – Радовиш.
Лисец — највисок врв на планината Плачковица со висина од 1.754 м. Врвот се издига во источниот дел од планината, каде што се и врвовите Чупино Брдо (1.725 м), Бел Камен (1.707 м) и Кара Тепе (1.625 м). Искачувањето на врвот е можно од северната, јужната и источната страна, при што најлесна е патеката од северната страна. Врвот е познат и како еден од врвовите во Македонија со најголем доглед.
Од јужната страна, искачувањето започнува од Радовиш и продолжува преку говедарската фарма Чешма мале, од каде што преку скратени патеки се излегува на асфалтен пат. Патот продолжува до селото Козбунар, од каде што повторно започнуваат скратените патеки. Во непосредна близина на шумската куќа повторно се излегува на асфалтен пат, а од шумската куќа по земјен пат во должина од 2 км се продолжува до планинарскиот дом „Џумаја“, кој се наоѓа на надморска висина од 1.420 м. Од Радовиш до планинарскиот дом може да се стигне и со возило по асфалтен пат во должина од 22 км. Правецот на движење од планинарскиот продолжува по обележана патека надолу кон реката Еден Дере, која се преминува неколку пати за да се стигне до подножјето на врвот.[2]
Од источната страна, искачувањето започнува од планинарскиот дом „Вртешка“ на надморска висина од 1.107 м. Планинарскиот дом е одалечен околу 35 км од Штип и истиот е пристапен со возило. Почетното искачување од планинарскиот дом е по козја патека во правец на вилите на Штипска Плачковица на надморска на надморска висина од 1.280 м. Оттаму, искачувањето продолжува по асфалтен пат во должина од околу 800 до раскрсница на којашто се скршнува по патеката од десната страна. Понатаму се продолжува по макадамска патека, каде што се наидува на чешма, а по 1,5 км се пристигнува до месноста Џамија на надморска висина од околу 1.500 м. Кај месноста има раскрсница на којашто се скршнува по патеката од десната страна. По околу 250 м се наоѓа нова раскрсница и се продолжува по патеката која води кон и југоисток и завртува кон исток. Откако ќе се помине растојание од околу 2 км долж патеката, се наидува на обележана патека која води до врвот. Патеката најпрвин води надолу кон кањонот Улумија, а по околу 1,5 км се пристигнува до течението на реката Ломија на надморска висина од околу 1.000 м. По прминувањето на реката се продолжува по тесна козја патека на стрмна угорнина и по околу 1 км се поминува покрај врвот Криво Брдо (1.282 м). Патеката продолжува понатаму и по околу 1 км се пристигнува до месноста Побиен Камен на надморска висина од 1.407 м, од каде што може да се види врвот Лисец. Понатаму, по околу 2,5 км долж патеката се излегува на широк макадамски пат на надморска висина од 1.550 м, по што започнува директното искачување на врвот од неговата северна страна. Со искачување на пат во должина од околу 3 км се наидува на простор со трла, објекти и хелиодром на надморска висина од 1.640 метри, по што се продолжува до самиот врв.
Видик
Лисец е еден од врвовите во Македонија со најголем доглед, односно најдалечна хоризонтална видикова линија. Во услови на ведро време и чиста атмосфера, од него може да се види планината Рила на исток, Солунскиот Залив на југ, а дури и планината Олимп. Благодарение на големиот доглед, во минатото на врвот се наоѓал воен радарски центар за набљудување, а во поново време е планирано поставување на астрономска опсерваторија.[1]